Министерството за внатрешни работи објави дека деветмина навивачи на Левски Софија се уапсени поради тепачката со полицијата пред почетокот на мечот со Шкупи.
Тие непосредно пред мечот, од поттрибинскиот простор ги провоцираа останатите навивачите кои влегуваа на Националната арена „Тодор Проески“ извикувајќи „Убиј ги шиптарите, ова е Бугарија, Македонија е бугарска“, поради што мораше да интервенира полицијата.
„На 27.07.2023 од страна на Единицата за брзо распоредување приведени се Г.Б, З.З., В.Д., Г.К., Б.А., В.Ј., И.К., Д.П.Д. и А.В.И., сите бугарски државјани, кои го нарушија јавниот ред и мир со агресивно однесување кон полициски службеници кои вршеа службени дејства на стадионот „Тодор Проески“, непосредно пред почетокот натпреварот од второто квалификациско коло во Конференциската лига помеѓу Шкупи и Левски Софија, кој вечерва се игра во Скопје. Тие се приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против нив ќе следуваат соодветни поднесоци“, соопшти МВР.
МВР потврди и дека еден навивач е избоден со нож во Чаир, по што бил пренесен во ГОБ „Св. Наум Охридски“ и се наоѓа во стабилна состојба.
„На 27.07.2023 во 18.38 часот во СВР Скопје е пријавено дека на ул.„Цветан Димов“ физички биле нападнати Д.А. (29), Д.Ј.(28), Ф.Д.(31) и М.С.(30), сите од Република Бугарија, при што бил употребен и остар предмет, со кој бил повреден Д.А. Тој бил пренесен во ГОБ „Св.Наум Охридски“, каде што му биле констатирани тешки телесни повреди, но според пријавеното од болницата, лицето е во стабилна состојба. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, стои во соопштението на МВР.