Луис Енрике по неполн месец откако седна на клупата на ПСЖ, мораше да демантира дека планира да го напушти францускиот шампион. Тој тоа го направи на интересен начин, го искористи мотото од популарната книга „Тројцата мускетари“ на францускиот писател Александар Дима.
„Еден за сите и сите за еден“, напиша Енрике на француски јазик на својот профил на Инстаграм, притоа објавувајќи фотографија со неговиот стручен штаб.
Шпанецот се одлучи да реагира, откако започнаа гласините дека планира да си поднесе оставка поради лошата атмосфера во соблекувалната и војната на релација Килијан Мбапе – управа.
Претседателот на ПСЖ, Насер ал-Келаифи, по наредба на сопственикот на тимот, емирот на Катар, му постави ултиматум на Мбапе, или ќе потпише нов договор или ќе биде продаден, но одличниот напаѓач го одби тоа и јавно изјави дека и следната сезона ќе биде член на Светците и идното лето како слободен играч ќе си замине, и тоа во Реал Мадрид.