Тетекс ги претстави засилувањата: Со 13-мина нови фудбалери и задржан костур од минатата пролет во атак на врвот во Втората лига

Второлигашот Тетекс од Тетово во пресрет на новата сезона од Втората лига, која започнува утре, претстави 13 засилувања со кои ќе атакува на позициите од врвот на табелата. Воедно, задржан е и костурот кој во пролетниот дел од минатата сезона се избори за опстанокот во второлигашката конкуренција.

„Подготовките поминаа во најдобар ред и со нетрпение го очекуваме стартот на првенството. На пријателските натпревари прикажавме добра игра, од натпревар во натпревар бевме сè подобри и максимално подготовени го очекуваме гостувањето во Прилеп и почетокот на новото првенство. Екипата е засилена со нови фудбалери, дел од нив со големо прволигашко искуство. Ниту еден противник нема да потцениме, но нема ниту да прецениме. Со сите ќе играме на гол повеќе“, изјави тренерот на Тетекс, Даниел Радески.

Нови фудбалери во екипата на Тетекс се: Михајло Јакимоски (Воска), Иво Јанакиевски (Работнички), Матео и Марко Софијаноски (Брегалница), Никола Ристоски (Силекс), Астрит Амзаи (Шендија), Агон Елмази (Беса), Матеј Јаневски (Борец), Дамјан Јакимовски (Маџари Солидарност), Петар Алексовски и Бектеш Исмаил (Македонија ЃП), Давид Чеков (Алуминиј Кидричево – Словенија), Симеон Здравковски (Вардар).

Тетекс во првото коло утре ќе ѝ гостува на прилепската Победа во дуел на поранешните прволигаши и освојувачи на трофеи во македонскиот фудбал. Првиот домашен натпревар Текстилците ќе го одиграат на 19 август, кога во Тетово ќе гостува Осогово од Кочани, но овој натпревар ќе се одигра без присуство на гледачи поради казната која ја доби тетовскиот второлигаш за инцидентите на дуелот против Пелистер од минатата сезона. Без публика ќе се одигра и дуелот од четвртото второлигашко коло против Новаци.

Истовремено продолжува и акцијата на навивачката група Војводи за продажба на сезонски билети, кои чинат по 1000 денари, а средствата ќе бидат наменети за потребите на клубот. Сезонските билети ќе може да се купат на следните локации:

Двор 21 (Тетово)
Sport Life – Тетовчанка
Vibe Bar (Тетово)
Simple Caffe (Тетово)
Пицерија Форум (Тетово)
Grill Time (Брвеница)
База Бар (Теарце)

 

- Оглас -

Најнови вести