Екипата на Вардар е освојувач на трофејот на традиционалниот турнир кој во летниот период се игра во Струга. Во финалето, Црвено-црните со 25:20 го победија Алкалоид и стигна до рекордниот 14-ти трофеј.
Овој меч беше малку необичен. Традиционално овој турнир се игра на отвореното игралиште во Струга, но овој пат финишот се случи во сала. По само 17 минути од финалето на отвореното игралиште, при водство на Вардар од 7:5, заврна, па организаторот реши ради безбедност на ракометарите, финалето да се доигра во сала.
Вардар водеше во поголем дел од првиот дел и по 30 минути игра имаше предност од 12:11. Алкалоид поведе со 13:12 на стартот од второто полувреме, а резултатот беше неизвесен до 10-тина минути пред крајот. Вардар поведе со 20:18 во 49 минута и во решавачките минути со одлична одбрана, на крајот стигна до победа од 25:20.