Интер Мајами и Меси победија во нова драма: Дадоа гол во 90+7 за спас, а потоа се радуваа на пенали (Видео)

Екипата на Интер Мајами предводена од Лионел Меси продолжува да го живее фудбалскиот сон откако утрово забележаа нова неверојатна победа, и тоа на гостински терен против Синсинати. Ова беше дуел во рамките од полуфиналето на САД опен купот, а Мајами на крајот победи по подобро изведување на пенали.

Вистинска драма се случуваше на теренот откако Синсинати пред своите навивачи поведе со голот на Акоста во 18-тата минута, а во 53-тата минута Васкез зголеми на 2:0. Делуваше дека Интер Мајами ќе го претрпи првиот пораз со Меси во тимот, но не беше така. На сцена стапија Меси и Леонардо Кампана и Интер Мајами постигна два гола речиси по ист „рецепт“.

Меси асистираше во 68-мата минута, Кампана погоди за 2:1, а во 90+7 минута, кога се играа последните моменти од дуелот, повторно по асистенција на Аргентинецот, Кампана погоди за 2:2 и мечот замина во дополнителни 30 минути.

Во продолженијата, Интер Мајами со погодокот на Мартинез поведе и со 3:2, но Синсинати возврати и стигна до 3:3 во 114-тата минута, па мораа да се шутираат пенали. Во пенал-рулетот сите петмина изведувачи на Интер Мајами погодија, а под притисокот потклекна Хаглунд од Синсинати, кој промаши во решавачката петта серија.

https://twitter.com/i/status/1694534725711560822

За Интер Мајами ова е осма победа по ред откако Меси е во тимот, а трипати тимот се радуваше по изведување на пенали. Со Меси во тимот, Интер Мајами стигна и до првиот трофеј во клупската историја, победувајќи во Лига купот, а сега веќе има шанси и за уште една титула. Во осум меча во дресот на Интер Мајами, Меси има биланс од 10 гола и три асистенции.

Во финалето на САД опен купот, Интер Мајами на свој терен ќе игра против Хјустон Динамо, а дуелот е закажан за 27 септември.

- Оглас -

Најнови вести