Во чест на Сала: Нант ја повлекува „деветката“

Откако беше потврдена смртта на Емилијано Сала по авионската несреќа која се случи на 21-ви јануaри, Нант одлучи со убав гест да се збогува од својот фудбалер, кој прерано го загуби животот. Францускиот клуб ќе го повлече бројот 9 од употреба, потврди претседателот Валдермар Кита.

По 15 дена трагање по изчезнатиот авион во којшто беше Сала заедно со пилотот, тој е најден на дното во каналот Ла Манш, а вчера навечер од страна на британската полиција беше идентификувано телото кое беше заробено во урнатините. Аргентинскиот фудбалер патуваше од Нант за Кардиф, каде што требаше да ја започне авантурата со „сините птици“ откако трансферот беше реализиран за сума од 17 милиони евра.

Меѓутоа, Сала никогаш нема да го облече дресот на Кардиф. Токму оваа ситуација создаде дополнителен проблем. Од таборот на велшкиот клуб одбиваат да ги исплатат договорените пари, па на Кардиф му се заканува одземање бодови во Премиер лигата доколку не започне со подмирување на сметките.

Сала четири години ги бранеше боите на Нант, настапи на 133 натпревари на кои постигна вкупно 38 погодоци.

- Оглас -

Најнови вести