Навивачката група Фемили Аеродром објави соопштение по повод градското кошаркарско дерби помеѓу МЗТ Скопје Аеродром и Работнички кое треба да се игра кон крајот на јануари на теренот на актуелниот шампион.
„ПОЧИТУВАНА ЈАВНОСТ
Сакаме да ве информираме дека во текот на претходните денови до нас стигна информација за „пе.ерски“ игри во врска со вечното дерби кое треба да се одигра во текот на јануари. Натпреварот е закажан за 23 јануари, но поради одржување на натпреварување во пинг понг, на тој ден Јане Сандански не е слободна. Алтернативата која е понудена е дербито да се одигра на 21.01 во недела, што е ушто подобро за сите, но на тоа „господата“ од другата страна на железничка, од непостоечки причини (сите ги знаеме вистинските причини), не се согласува.
Со ова соопштение сакаме да апелираме, а воедно и да направиме притисок до сите инволвирани странки: општини, градоначалници, директори, тренери, играчи, групи, федерации, комитети, поединци, организации и сите оние кои можат некако да дејствуваат во ситуацијава, да го сторат тоа во најбрз можен рок. Тоа е единствен начин да го спасиме едно од ретките дербиња кои се останати во државава за да биде одржано како што треба – во полна сала, со 2 навивачки групи и со жар и атракција на теренот и трибините. Во спротивно, ДЕРБИ НЕМА ДА ИМА!“, порачаа навивачите на МЗТ.