Ангеловски повеќе не е привремен тренер, ќе го предводи Е. Пелистер до крајот на сезоната

Бранислав Ангеловски од денеска не е привремен, туку перманентен тренер на македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер. Ангеловски денеска потпиша договор со битолчани до крајот на сезоната, а подготовките за вториот дел од сезоната ќе ги започне со утрешната прозивка.

Ангеловски сезоната ја започна како спортски директор на Е. Пелистер, но по заминувањето на тренерскиот тандем Звонко Шундовски и Александар Јовиќ, во ноември ја презеде улогата на привремен тренер и ја водеше екипата на четири натпревари во Лигата на шампионите како и во Суперлигата и во Купот на Македонија.

„РК Еурофарм Пелистер ја известува јавноста дека од денес улогата на тренер во нашиот тим целосно му е доверена на Бранислав Ангеловски, така да повеќе нема да ја извршува улогата на привремен, туку на перманентен предводник на екипата. Тој се обврза на договор до крајот на сезоната и утре од 16:00 часот ќе одржи прозивка за вториот дел од сезоната.

Ангеловски активно ја извршуваше улогата на спортски директор, а по заминувањето на Александар Јовиќ и Звонко Шундовски од тренерската позиција, во ноември и декември минатата година ја водеше екипата на четири натпревари од Лигата на шампионите и неколку натпревари од Суперлигата и Купот на Македонија.

Првиот официјален натпревар во 2024 година Еурофарм Пелистер ќе го одигра против Вардар 1961 во првото коло од плеј-офот на Суперлигата. Првиот европски натпревар е на 14 февруари 2024 година против ПСЖ“, соопшти Е. Пелистер.

 

- Оглас -

Најнови вести