Анчелоти предупредува: Атлетико Мадрид сега ќе биде поопасен отколку во дуелот во Суперкупот

Точно пред една недела, Реал Мадрид го победи Атлетико со 5:3 во полуфиналето од Суперкупот на Шпанија, а подоцна Кралскиот клуб го освои и трофејот откако во финалето убедливо со 4:1 беше подобар од Барселона.

Реал Мадрид против Атлетико губеше со 2:3, па стигна до 3:3 и мораа да се играат дополнителни 30 минути, во кои Кралскиот клуб постигна два гола и се радуваше. Сега мадридските ривали ги очекува нова пресметка, овојпат во осминафиналето од Купот на Шпанија.

Ждрепката сакаше да има едно вакво големо дерби во раната фаза од Купот, а дуелот ќе се игра на „Метрополитано“, домот на Атлетико Мадрид.

„Убеден сум дека овој меч ќе биде уште потежок од тој во Суперкупот. Се работи за друг трофеј, а ќе играат два тима кои имаат реални шанси да го освојат пехарот на крајот. Ќе биде потешко затоа што дуелот се игра на стадионот на Атлетико, а е меч со директна елиминација“, вели Анчелоти.

Сезонава Реал веќе еднаш е поразен на овој стадион, и тоа на дуел одигран во септември, кога Атлетико славеше со 3:1 во првенството.

- Оглас -

Најнови вести