Вистинска драма во Мадрид: Голманите даруваа, Хоселу спасуваше, Атлетико му се одмазди на Реал (Видео)

Реал Мадрид е елиминиран многу рано, уште во осминафиналето од шпанскиот Куп на кралот, откако вечерва на „Ванда Метрополитано“ после вистинска драма е поразен со 4-2 од градскиот ривал, Атлетико Мадрид.

Четири голови од кој еден автогол, голмански грешки, 12 жолти картони, но без победник, 2-2, во регуларните 90 минути во Мадрид. Атлетико на градскиот ривал му приреди слатка одмазда и тоа во иста мера како мечот во Ријад, кој Реал го доби после продолженијата.

Решавачкиот погодок на мечот го постигна Антоан Гризман во 100-тата минута, односно во десеттата од првото продолжение, откако прекрасниот соло продор по десната страна го круниса со уште поубав погодок во мрежата на Реал. Сепак, „јорганџиите“ до крајот на продолженијата постигнаа уште еден погодок, само за да ја потврдат победата, откако противникот комплетно се пресели на нивната половина и тргна на се или ништо. Стрелец на погодок во 119-тата минута беше Родриго Рикелме.

Но, возбудувања имаше и претходно. Резултатот беше отворен во 39-тата минута кога домашните дојдоа во водство преку бразилецот Самуел Лино.

И вториот погодок во првиот дел беше дело на фудбалер на Атлетико Мадрид, но овојпат во сопствената мрежа. Конечните 1-1 на полувремето ги постави домашниот голман, Јан Облак, со автогол во 45-тата минута.

Во 57-мата минута Атлетико повторно дојде во водство, овојпат преку Алваро Мората, кој знаеше како да ја искористи грешката на голманот на Реал Мадрид, Андриј Лунин.

Во самиот финиш од регуларните 90 минути, односно во 82-рата минута Хоселу го спаси Реал со прекрасен гол со глава, што е негова специјалност.

- Оглас -

Најнови вести