Манчестер јунајтед конечно почна да игра според очекувањата на навивачите кои освен победите имаат уште една причина за задоволство, најскапото засилувањето во минатогодинешниот летен преоден рок, Расмус Хојлунд почна да го прави тоа за што беше платен 75 милиони евра.
Во денешната победа над вест хем, напаѓачот повторно се запиша во листата на стрелци и повторно собори рекорд, овој пат премиерлигашки.
Јунајтед во Хојлунд го виде одговорот на Манчестер сити и Ерлинг Халанд, но стартот на младиот Данец не беше ветувачки, првите пет месеци, односно 14 натпревари во Премиер лигата немаше ниту гол ниту асистенција.
Но, на 26 декември и популарниот Боксинг деј, се тргна кон подобро. Јунајтед со 3:2 ја совлада Астон вила, а Хојлунд го постигна првиот гол во Премиер лигата. За жал, потоа поради болест мораше да го пропушти следниот натпревар, но се врати на терените на 14 јануари и во ремито од 2:2 против Тотенхем имаше гол и асистенција.
Идентичен учинок имаше и на дуелот кој се играше пред три дена и на кој Манчестер јунајтед со 4:3 го совлада Вулверхамптон со што го собори рекордот на Кристијано Роналдо за најмлад фудбалер кој на два меча по ред во Премиер лигата постигнува гол и има асистенција.
Во денешната победа од 3:0 над Вест хем, Данецот на својот 21-ви роденден повторно постигна гол и собори рекорд во Премиер лигата.
Хојлунд со точно 21 година, стана најмладиот фудбалер во историјата на Премиер лигата кој се запишал во листата на стрелци на четири меча едноподруго.