Претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски не го потпиша Указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри што Собранието на Република Македонија го донесе на седницата одржана на 7 февруари 2024 година, соопштија од кабинетот на претседателот.
Претседателот повика во Собранието одново да почне законодавна постапка, но во редовна процедура.
„Одлуката е донесена врз основа на детална анализа на текстот на Законот и на постапката во којашто овој Закон е донесен, како и по спроведени консултации со Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија како наш најважен партнер во земјата во процесот на преговори. Претседателот Пендаровски смета дека измените и дополнувањата на Законот се донесени преку несоодветна употреба на забрзаната процедура за усогласување на нашето законодавство со правото на Европската Унија, популарно позната како ‘процедура со европско знаменце’, во ситуација на отсуство на суштинско „аки“ (задолжително право на ЕУ) во областите што ги опфаќа овој Закон и фактот дека Законот не наведува дури ни лимитирано ‘ЕУ аки’ што може да биде релевантно“, стои во соопштението на претседателот Пендаровски.
Во соопштението се вели дека претседателот е свесен за можното штетно влијание на игрите на среќа и забавните игри врз младите, па затоа треба да се изврши законска регулација на овој сектор, но во нормална процедура и со широка дебата со сите засегнати страни.