Штета! Лошата трета четвртина и повредата на Димитријевиќ клучни за пораз на Македонија

Кошаркарската репрезентација на Македонија не успеа да ги започне квалификациите за Европското првенство според посакуваното и загуби од Естонија во СРЦ „Кале“ со 69-74. Иако првото полувреме го одигравме одлично и на паузата заминавме со предност од +7 поени, сепак лошата трета четвртина, но и повредата на Ненад Димитријевиќ во последниот период, беа клучни за поразот на избраниците на селекторот Алекс Јончевски.

Македонија одигра катастрофална трета четвртина, во која успеавме да постигнеме само 10 поени, а отворивме со серија од 0-9, што ги врати естонците во водство после подолго време. Брзо се консолидиравме и го вративме водството, но Естонија со две мини-серии на последната пауза замина со водство од четири поени разлика, односно 53-57.

На стартот од последниот период, вистински пех за Македонија. Ненад Димитријевиќ при еден доскок се повреди и мораше да го напушти теренот, но нашиот најдобар кошаркар собра сили и се врати на теренот во финишот на мечот и покрај повредата на бутниот мускул, но веќе беше предоцна за да дојдеме до победата.

На 100 секунди крајот на мечот, Естонија дојде до највисоки +10 и веќе немаше време да пресврт на нашата репрезентација. Најефикасен во нашиот состав беше Димитријевиќ со 25 поени, а новиот американец во нашата репрезентација, Итан Хап, мечот го заврши со 18 поени. Двоцифрен беше и Стојан Ѓуроски со 10 поени.

Следниот натпревар, репрезентацијата на Македонија го игра против Полска, на гостински терен во Сосновјец, во понеделник со почеток во 18 часот.

- Оглас -

Најнови вести