Јокиќ и Денвер со победа над Лејкерси ја започнаа одбраната на титулата (Видео)

Шампионот Денвер нагетс успешно ја започна одбраната на титулата во НБА-лигата, со 114:103 го совлада ЛА Лејкерс со првиот меч од првата рунда во плејофот.

Брилјираше Никола Јокиќ со 32 поени и 12 скока, имаше и седум асистенции, а интересно е што немаше ниту една загубена топка. Добра партија прикажаа и Џамал Мареј со 22, Мајкл Портер јуниор со 19 и Арон Гордон и Кентавиус Колдвел-Поуп со по 12 поени.

 

Кај Лејкерси кои минатата година загубија со чисти 4-0 од Денвер во финалето на Западот, најдобри беа Ентони Дејвис со 32 поени и Леброн Џејмс со 27 постигнати поени.

Лејкерси беа подобар тим во првото полувреме, во еден момент имаа предност од 12 поени (37:49), но тогаш на сцена стапи Јокиќ кој успеа да го врати Денвер во игра и на пауза да замине со минус три (57:60). Во второто полувреме, работите си дојдоа на место за Денвер, шампионот успеа да направи пресврт и да поведе со 11 поени (89:78) и предноста ја задржа до крајот.

Минесота тимбервулфс одлично го започна плејофот и во серијата против Феникс поведе со 1-0 во победи откако ги декласира Сонцата со 120:95.

Импресивна партија одигра Ентони Едвардс со 33 поени кој имаше голема помош од Карл-Ентони Таунс со 19 поени и Руди Гобер со 14 поени и 16 скока.

 

На спротивната страна, Кевин Дурант даде 31, но потфрли Девин Букер кој даде само 18 поени.

Њујорк поведе со 1-0 во серијата против Филаделфија откако утринава славеше со 111:104, а навивачите на Сиксерси повеќе од поразот ги загрижи првата ѕвезда Џоел Ембид.

 

Имено, кон крајот на втората четвртина, Џоел Ембид имаше брутално забивање, но потоа се фати за коленото и падна на паркетот во „Медисон Сквер гарден“ арена.

 

Тој успеа да се врати на теренот во второто полувремето, но Њујорк веќе имаше двоцифрена предност која ја зачува до крајот иако на стартот од последната четвртина, Филаделфија дојде до минус два (84:82) и немаше сили да направи пресврт.

Џејлен Бронсон со 22 поени ја предводеше листата на стрелци кај Њујорк, додека во редовите на Филаделфија најдобри беа Тајрис Макси со 33 и Ембид со 29 поени.

- Оглас -

Најнови вести