Холандската легенда реагира за пеналот за Англија: Ако тоа е пенал, во финалето ќе има осум удари од белата точка

Заврши сонот на Холандија да го повтори успехот од 1988 година, кога прв и единствен пат беше европски првак. Лалињата загубија во полуфиналето од Англија со 2:1, иако имаа водство од 1:0.

Чави Симонс погоди за предност на Холандија, а потоа Хари Кејн израмни со гол од пенал. Во последните моменти од мечот Оли Воктикс го даде победничкиот гол за Англија. Во Холандија владее големо разочарување поради пеналот кој го доби Англија. Контактот меѓу Хари Кејн и Дензел Думфрис за главниот судија Феликс Звајер беше доволен да има пенал за Англија.

Дури и англиските легенди Џејми Карагер и Гери Невил ја критикуваа одлуката на судијата да има пенал за Гордиот Албион, а сега со реакција се јави и некогашниот холандски репрезентативец Пјер ван Хојдонк, кој ја повика УЕФА да го казни арбитерот.

„Англичаните може да му се заблагодарат на Звајер. Тој судија треба да се стави на црна листа. Може долго време да се дебатира, но ако ова го досудите за пенал, тогаш во финалето може да очекуваме да има осум пенали. Во второто полувреме досуди фаул во дуелот на Гапко. Тоа се моменти кои се клучни за овој меч. Навистина страшно“, револтирано коментираше Ван Хојдонк.

- Оглас -

Најнови вести