Ливерпул го модернизира клупското лого (Фото)

Следниот викенд започнува Премиер лигата, што за Ливерпул ќе означи почеток на пост-Клоп ерата. Легендарниот Германец беше заменет со Холанѓанецот Арне Слот, кој првпат ќе го води Ливерпул на гостувањето против Ипсвич, новиот член на англиската фудбалска елита.

Покрај новиот менаџер, Ливерпул на овој натпревар ќе го претстави и новиот грб, кој е променет откако стариот го красеше дресот на клубот претходните 32 години. Новиот клупски грб го содржи само основниот симбол на клубот, Ливерпулската птица (Liver Bird) и кратенката „LFC“.


Од грбот се отстранети приказот на портата на „Енфилд“ именувана по легендарниот тренер Бил Шенкли, двата факли во чест на навивачите загинати во трагедијата на Хилсборо и слоганот You’ll Never Walk Alone.

Причината за промената, според клубот, е дигиталниот маркетинг.


„Новиот грб ќе се користи за претставување на Ливерпул на сите клупски платформи на социјалните медиуми, официјалната веб-страница и мобилната апликација. Ливерпулската птица исто така ќе се користи во дигитален и ТВ-контекст следната сезона во националните и меѓународните медиуми, вклучувајќи ги и телевизиските куќи кои ја пренесуваат Премиер лигата. Повеќе од 86 проценти од посетителите на Liverpoolfc.com и 98 проценти од корисниците на клупските социјални канали доаѓаат од мобилни уреди, па затоа има потреба брендирањето на клубот да биде многу појасно и повидливо на сè помали екрани. Како што е најавено, стариот грб ќе остане на надворешниот ѕид на „Енфилд“ до понатамошно известување“, информираат од клубот.

- Оглас -

Најнови вести