Македонската тенисерка Лина Ѓорческа не успеа да го мине првото квалификациско коло на Отвореното првенство на САД, иако даде силен отпор против Аргентинката Хулија Риера, која е 71 место подобро рангирана од Лина на ВТА-листата.
Риера победи со 7-6, 6-3 по 1 час и 36 минути игра.
Ѓорческа почна одлично, поведе со 4-1 во првиот сет, а имаше и предност од 5-3 и гејм на свој сервис. Но, деветтиот гејм го загуби без да освои поен, а на крајот во овој сет одлучуваше тајбрејкот во кој Риера беше подобра со 7-4.
Во вториот сет немаше толку многу брејкови како во првиот, Лина загуби само еден гејм на свој сервис, но тоа беше доволно да го загуби сетот со 3-6 и тука да заврши нејзиниот пат во квалификациите на последниот гранслем-турнир годинава.