Македонската фудбалска репрезентација дефинитивно е во криза. Кулминација на оваа генерација беше победата над Италија во Палермо, во баражот за пласман на Светското првенство во Катар, но потоа следува вртоглав пад како во играта, така и во резултатите.
По победата над Италија во март 2022 година, поминаа точно две и пол години. Во овој период Македонија одигра 25 натпревари, а успеа да победи само шест пати, дури 13 пати загуби, а шест пати одигра нерешено.
Иако фудбалерите постојано потенцираат дека атмосферата во тимот за време на тренинзите е одлична и на највисоко ниво, сепак, дефинитивно постои проблем. Проблемот е во тоа што резултатите не се за атмосферата да биде весела, да биде позитивна, туку да се потрудат сите кои се дел од националниот тим, да поработат многу подобро и конечно да донесат радост на фановите, кои веќе го загубија трпението и се многу разочарани.
Во овие две и пол години, Македонија се радувала шест пати и тоа секогаш било против селекции кои се многу послабо рангирани од нашата. Два пати го победивме Гибралтар кој е на 198 место на ФИФА листата (4:0 и 2:0), два пати славевме и против Малта која е на 172 место на ФИФА листата (2:1 и 2:0), а по еднаш бевме подобри од Фарски Острови со 1:0 (138 место на ФИФА листата) и против Ерменија со 4:0, која е единствената селекција што ја имаме победено во овие две и пол години, а е во ТОП 100 на ФИФА листата, односно точно на 97 место.
Следен ривали ни е токму Ерменија, која е и главен конкурент во трката за првото место во групата од Лигата на нации. Македонија утре мора да победи на „Тодор Проески“ ако сака да остане во трка за првото место во групата во која се уште и Фарски Острови и Летонија.