Ветерот пак виновен за киксот на Ливерпул во градското дерби

Ливерпул испушти два бода во ремито без голови против Евертон и воедно му дозволи на Манчестер сити да застане на лидерската позиција на табелата по 29 кола во Премиер лигата. Мане и Салах не беа на потребното ниво, а ниту влегувањето на Фирмино не им помогна на „црвените“ да стигнат до гол кој би го одлучил мечот.

Сепак, според Јирген Клоп, Ливерпул не победи поради една причина, а тоа е силниот ветер.

„Одигравме тежок натпревар против еден опасен противник. Знам дека луѓето кои следат фудбал, односно го следат Ливерпул, не сакаат кога коментирам на овој начин, но ветерот ни создаде многу проблеми, дуваше од сите страни, беше премногу очигледно во неколку наврати. Во ниту еден случај не ни беше во полза, особено кога топката беше во воздух. Во меч кој беше тежок да се контролира, мислам дека едвај направиме три или четири шанси“, истакна Клоп.

Германскиот стратег сезонава често „се вади“ на временските услови. Ветерот исто така го обвинуваше во поразот од Вулверхемптон во ФА купот, додека снегот беше виновен за ремито со Лестер на „Енфилд“ пред неколку кола.

- Оглас -

Најнови вести