МЗТ Скопје го започнува настапот во АБА-2, целта е враќање во елитната јадранска конкуренција

Денес и официјално започнува новата сезона во јадранската АБА-2 кошаркарска лига, во која Македонија ќе има три претставника. Први на паркетот ќе истрчаат кошаркарите на актуелниот македонски шампион, МЗТ Скопје, кои на домашен терен го пречекуваат црногорскиот претставник, Тиват.

Амбиции на МЗТ Скопје се враќање во елитната јадранска конкуренција.

„Зад нас е еден добар преоден рок во кој го задржавме костурот на тимот и додадовме добри кошаркари кои ќе ни бидат од голема помош. Како тренер ми беа исполнети сите мои барања за играчкиот кадар. Нашата цел е да ги одбраниме трите трофеи во макбаскетот, но и да го нападнеме четвртиот и да се вратиме во АБА, со што верувам би ги задоволиле сите наши навивачи“, вели тренерот на МЗТ Скопје, Васко Атанасов.

Оптимизам владее и кај капитенот на шампионот на Македонија, Дамјан Стојановски.

„Сакам да изразам благодарност што и оваа сезона ќе ја почнам како капитен на МЗТ Скопје. Имавме добар подготвителен период, одигравме доволен број натпревари и подготвени го дочекуваме стартот на обврските во АБА2. Мислам дека оваа екипа има квалитет за влез во јадранската елита, но мораме да одиме чекор по чекор и со помош на нашите навивачи да го вратиме МЗТ каде што му е местото“, рече капитенот на МЗТ, Стојановски.

Натпреварот помеѓу МЗТ Скопје и Тиват се игра вечерва, во СЦ „Јане Сандански“, со почеток во 18 часот. АБА-2 лигата од оваа сезона се игра во изменет формат и по групи, а освен Тиват, конкуренти на тимот од Аеродром ќе му бидат и Хелиос Домжале, како и Цедевита јуниор. Најдобрите две екипи од групата продолжуваат во следната фаза.

- Оглас -

Најнови вести