Хрватот Марин Чилиќ влезе во историјата на тенисот и стана најслаборангираниот играч кој освоил АТП-титула.
Чилиќ, кој за четири дена ќе наполни 36 години, триумфираше на турнирот од АТП 250 серијата во кинескиот град Хангжу. Во финалето, Хрватот го победи Кинезот Џиџен Џанг (43-ти на АТП листата) со 7-6, 7-6 и ја освои својата прва титула од 2021 наваму. За победата ќе заработи 152.000 долари.
Она што е историја е тоа што Чилиќ пред почетокот на турнирот беше број 777 на светската АТП-листа, досега се немаше случено некој толку нискорангиран да освои ваков силен турнир, но по својот успех ќе скокне над 500 места и ќе се врати меѓу најдобрите 300, можеби и 250 во светот.
За Чилиќ, кој има титула на Отвореното првенство на САД, а финалиња на Отвореното првенство на Австралија и Вимблдон, ова е 21-ва титула во кариерата. Падот на АТП-листата му беше поради повреди и неиграње. Беше и под илјадитото место, мораше да игра Челинџер турнири. Сега се враќа таму каде што му е местото.