Одбиваше да игра против нив, а сега вели: „Никогаш не сум рекол ништо лошо за Русија“

Поранешниот репрезентативец на Босна и Херцеговина, Миралем Пјаниќ, е нов фудбалер на ЦСКА Москва, но овој трансфер крена голема прашина не само во Русија, туку и во регионов.

Руската репрезентација, но и клубовите, се надвор од европските натпреварувања поради суспензијата на УЕФА, но пред две години беше закажан пријателски меч помеѓу Босна и Херцеговина и Русија. Тогаш босанските фудбалери одбија да го играат мечот, а еден од нив беше токму Пјаниќ.

Сепак, сега фудбалерот вели дека никогаш не кажал ништо лошо за Русија.

„Никогаш не реков ништо против Русија и рускиот фудбал. Жал ми е ако моите зборови од пред две години некого повредиле и подготвен сум да се извинам“, рече Пјаниќ.

Босанецот се обиде да се оправда и со војната која беснееше во поранешна Југославија.

„Дојдов од земја во која едно време имаше војна и знам што е тоа. Совршено разбирам како функционира политиката. Сепак, јас сум фудбалер и моите размислувања се насочени кон фудбалот, да тренирам и да играм што е можно најдобро за да ѝ помогнам на ЦСКА. Ова е моја работа која ја работам повеќе од 20 години, а моите тренери и соиграчите може да бидат сигурни дека ќе го дадам максимумот. Ги чекам навивачите на мечот со Акмат, а ќе имам и многу време за автограми“, додаде Пјаниќ.

- Оглас -

Најнови вести