Фудбалерите на Црвена ѕвезда синоќа, како гости, беа поразени од Интер на „Џузепе Меаца“ со 4-0 во второто коло од главната фаза на Лигата на шампионите.
Српскиот шампион добро се држеше против италијанскиот шампион во поголемиот дел од натпреварот, но индивидуалните грешки на крајот му донесоа убедлив пораз.
За играта на тимот против Интер зборуваше легендарниот напаѓач на двата клуба, Дарко Панчев, кој смета дека Црвено-белите „сами себе“ се победија синоќа.
„Сами си дадоа четири гола, сами се победија, сами се уништија“, истакнува Панчев.
„Наивност, чиста наивност, грешки кои ретко се присутни дури и во пониските лиги, а што е најлошо, на Ѕвезда ѝ се повторуваат на најголемата европска сцена, чисти подароци украсени со машна.
Ѕвезда, притоа, не дојде на роденденот на Интер, туку за, евентуално, да му се закани“, анализира македонската фудбалска легенда.
Пофалби од Панчев доби единствено младиот Андрија Максимовиќ, кој според мислењето на многумина, беше најдобриот играч на српскиот тим на „Меаца“.
„За тоа момче можам да кажам само пофални зборови за тоа што го демонстрираше во Градот на Модата. Тренерот Милојевиќ со право му даде шанса од почеток, а тој повторно возврати со забележлива игра. Ќе биде штета ако наскоро го напушти клубот. Со секој ден ќе расте неговата вредност, се надевам дека и раководството на Ѕвезда и семејството на Максимовиќ ќе бидат на истата бранова должина. Нека одигра барем 120 натпревари во сениорскиот тим на клубот, а потоа… Нему му е судена позиција во некој од најпознатите клубови на Стариот Континент. Навивам за таков исход. Креативци како Максимовиќ се секогаш добредојдени, тие се чисто злато, треба да се чуваат и да се негуваат“, заврши Дарко Панчев.