Македонија во Ерменија ќе брка нешто што никогаш претходно не успеала

Убедлива победа од 3:0 славеше Македонија на гостувањето во Рига против Летонија, триумф по кој нашата репрезентација се зацврсти на првото место во групата од Лигата на нации. Атанасов, Ќамили и Елмас погодуваа за Македонија во Рига, но освен добрата реализација, треба да се потенцира и сигурната игра во дефанзивната линија.

Македонија втор меч по ред победува во меч на кој не прими гол. Претходно, со 2:0 славевме над Ерменија во Скопје, па овие 3:0 од Рига, значат дека повеќе од 180 минути мрежата на Македонија е незатресена.

Последен пат одигравме два меча во низа на кои не сме примиле гол во септември и октомври 2021 година, кога со 4:0 славевме над Лихтенштајн, а ремизиравме 0:0 со Романија.

Две победи без примен гол Македонија немаше врзано речиси шест години. Во ноември 2018 година, во Лигата на нации ги победивме Лихтенштајн во Вадуз со 2:0 и Гилбралтар во Скопје со 4:0 во рамките од Д сегментот. Две победи без примен гол сме имале и во септември 2018 година, а тогаш го победивме Гибралтар на гости со 2:0 и Ерменија во Скопје со 2:0.

Во повеќе од 30-годишната историја на македонската репрезентација не се случило нашата репрезентација да има низа од три победи на кои нема примено гол. Токму таква шанса сега имаат избраниците на Благоја Милевски. Ако в недела победат на гостувањето во Ереван без да примат гол, тоа ќе биде прв пат во историјата Македонија да има три победи во низа со „сува мрежа“.

- Оглас -

Најнови вести