Голманот на Интер, Јан Зомер, во интервју за „Газета дело Спорт“ зборуваше за шампионската сезона, одбраната на титулата во Серија А, амбициите на тимот во Лигата на шампионите, својата иднина и фаворитот за „Златната топка“.
„Минатата сезона клучот беше во силата на тимот и нашата класа. Имавме перфектен баланс меѓу нападот и одбраната. Се браневме како луди, како да беа нашите деца во голот. Бевме толку конзистентни, речиси совршени, и нашето ниво никогаш не паѓаше. Сега ја браниме титулата и сите сакаат да не победат. Тоа е големата разлика. Мислам дека е нормално што имавме послаб старт споредено со минатата фантастична сезона, но сепак сме втори на табелата. Очекувам тешка сезона со голема конкуренција. Дури и минатата сезона имаше моменти кога бевме втори. Веќе ја видовме силата на Јувентус и Наполи, а исто така го загубивме дербито, па треба да бидеме внимателни и со Милан. Кога велиме дека секој натпревар во Серија А е предизвик, тоа не е клише, туку чиста вистина“, изјави Зомер.
Во Серија А никој не успеал да ја одбрани титулата во последните четири години.
„Сè е во главата. Кога победуваш, среќен си и мирен. Па така, се трудиш помалку од претходната година, а на ова ниво тоа не можеш да си го дозволиш. Нашиот тренер не тера напорно да работиме за да се ослободиме од тоа несвесно спокојство, и има право. Треба да направиме повеќе од минатата сезона бидејќи нашите конкуренти сакаат да нѐ надминат. Превентивната одбрана е толку важна. Минатата сезона се справувавме толку добро кога ја имавме топката. Мораме да се вратиме на тоа ниво. Целиот тим треба да прави повеќе во одбраната, да биде здружен и добро позициониран кога ќе ја загубиме топката“, истакнува голманот на Интер.
Зомер изрази верување дека Интер може да постигне добри резултати и во Серија А и во Лигата на шампионите.
„Можеме да постигнеме исти резултати во двете натпреварувања, благодарение на составот што го имаме. Нема да биде лесно, бидејќи имаме згуснат распоред, но тоа е нашата цел. Треба да дадеме сè од себе во овие осум натпревари од Лигата на шампионите. Нашето ниво е повисоко од осминафиналето што го достигнавме минатата година. Можеме да стигнеме подалеку и да го задржиме нашиот стандард во првенството. Не смееме да испуштиме ништо“, истакна Зомер, кој потенцираше дека „Златната топка“ треба да му биде доделена на Лаутаро Мартинез, а тој не размислува за заминување затоа што има договор со Интер до 2026 година.