Надал: Ѓоковиќ е најдобар на сите времиња, но мој најголем ривал беше Федерер

Рафаел Надал завршува со тениската кариера како играч, а за мадридскиот весник „Ас“ даде интервју во кое зборуваше и за своите најголеми ривали.

Шпанецот не смета дека Србинот Новак Ѓоковиќ бил негов најголем ривал, иако со него одиграа над 60 меѓусебни натпревари.

„Играв со Ѓоковиќ повеќе од кој било друг, но за мене најголем ривал беше Федерер. Кога се појавив на АТП-турнирите, Федерер веќе беше таму и број 1. Во тие рани години кои беа клучни, не знам точно зошто, но моите ривалства со нив двајца беа многу поинтензивни од оние што тие ги имаа меѓу себе. Мојот стил и на Роџер беа многу различни. Новак најмалку се бореше со повреди, што му овозможи да остане на највисоко ниво физички и психички подолго од кој било друг, затоа бројките кажуваат дека тој е најдобар“, изјави Надал.

Надал смета дека Ѓоковиќ нема уште долго да игра.

„Што се однесува до Новак, не сум сигурен уште колку ќе игра. Човечката природа е таква што дури и да остане здрав, сепак старее. Федерер се пензионира, сега се повлекувам јас, а ние бевме неговите двајца најголеми ривали. Во одреден момент Новак ќе ја изгуби мотивацијата и ќе влезе во ментална криза. Новак уште е доволно добар да се натпреварува за најголемите титули и ако ужива, ќе продолжи да игра, но во еден момент ќе го снема тоа и ќе се пензионира“, изјави Надал.

За Надал нема дилеми кои се наследниците на големата тројка Федерер-Надал-Ѓоковиќ.

„Синер и Алкарас имаат можност за долга и успешна кариера. Овие двајца се над сите други. Не гледам ривал кој би можел константно да ги засени. На дневна основа се разбира тие може да загубат некој меч, има многу добри играчи. Но, на среден и долг рок нема тенисер кој може да им се спротивстави во континуитет додека не добијат повреда која ќе ги спречува да играат на исто ниво“, смета Надал.

 

- Оглас -

Најнови вести