Симоне Инзаги зборуваше по ремито 4-4 на неговиот Интер против Јувентус во дерби-натпреварот од деветтото коло на италијанската Серија А.
Нераѕурите имаат за што да жалат бидејќи на дваесетина минути пред крајот водеа со два гола разлика, но гостите се вратија во завршницата со погодоците на Кенан Јилдиз.
Интер и Јувентус одиграа историско „Дерби на Италија“ со осум гола и многу пресврти.
„Има разочарување, но како тренер треба да ги анализирам четирите гола што ги примивме. Игравме против силен тим, но не можеме да дозволиме да примиме четири гола. Треба да ги градиме позитивните аспекти. Јувентус е тим кој прими само еден гол од отворена игра во осум натпревари од Серија А, а на ова дерби требаше да прими седум или осум. За жал, имавме четири или пет шанси да го постигнеме петтиот гол, но тие се искусен тим и знаеме дека такви шанси не се пропуштаат. Потоа Јилдиз неочекувано постигна гол. Камбијасо одигра добро, а Јилдиз ја премина половината од теренот, освојувајќи два дуела. Ја изгубивме нашата структура, а потоа при четвртиот гол направивме низа грешки. Овие моменти го компромитираа натпреварот, кој дефинитивно заслуживме да го добиеме. Постои огорченост, но како тренер треба да анализирам и да разговарам со играчите, кои изгледаа потиштени во соблекувалната. Разочарувачки е затоа што игравме против Јувентус, чие најсилно оружје е одбраната, и создадовме толку многу шанси за гол, но не победивме“, изјави Инзаги.
И покрај возбудливиот натпревар, изгубените два бода не одат во прилог на ниту еден од тимовите бидејќи и Интер и Јувентус заостануваат зад лидерот Наполи.