Најдобриот фудбалер на светот за 2022 година, Карим Бензема, даде свое мислење околу доделувањето на Златната топка на Шпанецот Родри. За Французинот кој до неодамна играше за Реал Мадрид, а сега е во саудскиот Ал-Итихад признанието требало да му припадне на Бразилецот Винисиус.
Бензема на „Инстаграм“ објави и фотографија на која Винисиус го бакнува дресот на Реал по постигнат гол против Манчестер сити, а Родри е тажен, разочаран и на колена.
Во едно интервју, Бензема објасни зошто Вини требало да победи, а не Родри.
„Се слушнав со Винисиус, беше многу тажен, што е нормално. Тој заслужи да ја освои Златната топка. Немам ништо против Родри, тој е добар играч, но ако сте легнати на кауч и гледате фудбал, Родри не прави ништо што ќе ве натера да кажете „уау, браво“. Вини го има направено тоа повеќе од еднаш. Винисиус е добро момче, ќе работи и еден ден ќе ја освои Златната топка“, рече Бензема.