Еуфорија во Чаир, во салата „Шабан Трстена“ падна првакот МЗТ

Екипата на Чаир 2030 приреди изненадување со победа над МЗТ Скопје Аеродром од 95-94 во дербито на петтото коло од првата македонска лига. Победникот беше решен по продолжение од пет минути.

За МЗТ ова е втор пораз сезонава на домашна сцена, двата со по еден поен разлика. Штрковите имаат два порази и во АБА 2 лигата, истотака тесни, таму со по два поени разлика, што укажува дека имаат психолошки проблем кога мечот го решава еден напад. Вечерва МЗТ го имаше последниот напад на мечот, Брендон Слај упати шут, но не беше прецизен и почна големата радост во салата „Шабан Трстена“.

Диванте Мофит со 31 поен и постигнат победнички кош на 9 секунди до крајот на продолжението, беше јунак на чаирчани. Домашните имаа прилика да победат и во регуларниот дел кога Валмир Какруки при минус еден имаше две слободни фрлања на 2,6 секунди до крај, но го погоди само едното.

- Оглас -

Најнови вести