Екипата на ТФТ Скопје го победи Работнички со 85:77 во последниот меч од шестото коло во Првата МТЕЛ лига на Македонија. Со оваа победа ТФТ го продолжи перфектниот ефект во шампионатот, додека Работнички го претрпе вториот пораз.
Во првата четвртина двата тима се менуваа во водство, но никој немаше повеќе од три поени предност, а по првите 10 минути беше нерешено 17:17. ТФТ многу подобро започна во втората четвртина и во еден момент стигна и до двоцифрена прадност од 11 разлика (33:22). Потоа следуваше добра игра на Работнички, па домаќините успеаа негативата да ја намалат само на еден поен и на полувреме се замина со резултат 38:39.
Најчесто израмнет беше третиот период, а по водството на Работнички од 60:59, следуваше низа на ТФТ од 7:0 за предност од шест поени во пресрет на последната четвртина. Во решавачките 10 минути, кошаркарите на ТФТ во ниту еден момент не му дозволија на Работнички да има предност и на крајот заслужено стигнаа до победа.
Гринлис со 24 и Говенс со 19 поени беа најефикасни кај ТФТ, додека кај Работнички најпрецизни беа Ѓуроски со 25 поени и Ефремовски со 20 поени.