Дуелот меѓу Романија и Косово синоќа не го дочека својот крај, откако гостинските фудбалери предвреме го напуштија теренот. Резултатот беше 0:0, се играше 90+3 минута, односно последните моменти од средбата, кога се случија прво тензии на теренот, а потоа и скандирања од трибините поради кои фудбалерите на Косово решија да го напуштат теренот.
Главниот судија побара од гостинските играчи да се вратат на теренот и да доиграат, но тоа не се случи, па сега одлуката за овој меч треба да биде донесена на „зелена маса“, наместо на зелениот терен.
Романците се уверени дека тие ќе ја добијат победата и тоа службена со 3:0. Најгласен во најавите дека Косово не само што треба да загуби, туку да биде и жестоко казнет е Андреј Волчин, кој е советник на претседателот на фудбалската федерација на Романија, Разван Бурлеану.
„Правилата велат дека ќе победиме со 3:0. Комисијата е таа која одлучува, но мислам дека ќе биде службена победа за нас од 3:0. Мислам дека не може да е поинаку. Според мое мислење, Косово треба да биде исфрлено од Лигата на нации. Тоа треба да биде многу јасен и тежок пример за сите во иднина. Тие се тим на измамници“, вели Волчин.
Косовските фудбалери се жалеа на скандирањата од трибините каде романските навивачи пееја „Косово е Србија“. Романскиот репрезентативец Разван Марин рече дека и тие биле навредувани кога гостуваа во Приштина, па не го напуштиле теренот како некои размазени деца.