Екипата на МКК Куманово славеше над Феникс 2010 со 73:66 во меч од седмото коло на Прва кошаркарска лига во Македонија. Дуелот траеше речиси три часа, а на крајот заврши без присуство на публика и тоа поради инцидентот кој се случи пред крајот на втората четвртина. Тогаш, при резултат 38:35, домашните навивачи започнаа да фрлаат петарди и да палат факели, па судиите го прекинаа мечот, а беше одлучено да се испразнат трибините.
Средбата продолжи во „магла“ поради чадот кој се создаде од запалените факели, а на крајот подобро се снајдоа домашните играчи и стигнаа до третата победа сезонава. Феникс 2010 останува само со една победа сезонава.
Во вториот натпревар кој се одигра денеска, Работнички на гости го победи Тиквеш со 85:81. Работнички водеше во најголем дел од мечот, но ниту еднаш разликата не беше двоцифрена, па Тиквеш се надеваше дека може да изненади.
Тиквеш дури и поведе со 79:77, но Работнички со серија од 8:2 на крајот стигна до петата победа сезонава. Тиквеш има само две победи во седум кола.