Орландо меџик триумфираше во Лос Анџелес против Лејкерс со 119-118 прекинувајќи ја низата на Езерџиите од шест победи едноподруго во НБА-лигата.
На 18,9 секунди до крајот, при 118-116 за Лејкерс, Ентони Дејвис изведе две слободни фрлања, но двете ги утна. Да ги погодеше, домашните ќе имаа четири поени предност и најверојатно ќе победеа. Вака, по утките на Веѓата, кој заврши со 39 јалови поени, гостите видоа шанса за победа и го искористија подарокот. Германецот Франц Вагнер погоди тројка на 2,5 секунди до крајот за голема радост кај Магичните, а шок за тимот од Лос Анџелес, кој првпат сезонава загуби дома.
Драма имаше и во Шарлот, каде што Хорнетс по продолжение го совладаа Детроит со 123-121. Јунак на мечот беше Брендон Милер со личен рекорд од 38 поени и осум погодени тројки, од кои две клучни во дополнителното време.
Торонто ја победи Минесота со 110-105 и ја продолжи позитивната серија против Шумските волци, кои 20 години не знаат за победа на гостување во Канада.
Јута џез водеше со 16 поени разлика по првото полувреме на гостувањето кај Сан Антонио, но вториот дел целосно им припадна на Спарс, кои во второто полувреме дадоа 75 поени, па на крајот домашните триумфираа со 126-118.
Ова е тројката на Вагнер за победа на Орландо:
37 PTS and the victory for the Magic in LA!
What a moment for @franzboogie! https://t.co/KBdtXhgD3K pic.twitter.com/0FikJ4Phr5
— NBA (@NBA) November 22, 2024