Точно напладне во 12 часот во седиштето на УЕФА во Нион ќе се изврши ждрепка за плејофот во елитната Лига на нации и за баражите за пополнување на Лига Б, Ц и Д.
Во Лига А треба да се одредат четвртфиналните парови, мечеви кои ќе се играат на 20 и 23 март, се игра по принципот дома-гости. Потоа полуфиналето и финалето се на почетокот на јуни, а ќе има само по еден нокаут-меч, без реванш.
Носители се Шпанија, Германија, Франција и Португалија. Неносители се Италија, Холандија, Данска и Хрватска. Не може меѓу себе да се сретнат тимови кои биле во иста група, па така, на пример: Хрватите, кои беа во иста група со Португалија, во четвртфиналето може да играат со Шпанија, Франција или Германија.
Баражи ќе има помеѓу третопласираните од Лига А против вторите од Лига Б. Победниците одат во Лига А, а поразените во Лига Б, каде што ќе се најде и Македонија. Тука носители при ждрепката се Шкотска, Унгарија, Србија и Белгија, додека неносители се Грција, Австрија, Турција и Украина.
Во Лига Б одат и подобрите од баражите во кои ќе се борат третпласираните од оваа сезона во Лига Б со второпласираните од Лига Ц. Носители се: Словенија, Грузија, Исланд и Република Ирска. Нивни можни ривали се: Словачка, Косово, Бугарија и Ерменија.