Македонскиот ракометен првак Еурофарм Пелистер утре (18.45 часот) му гостува на унгарскиот гигант Веспрем во нов предизвик од Лигата на шампионите.
Поранешниот македонски репрезентативец Дејан Манасков своевремено беше член на Веспрем и јасно му е каков гигант е исправен пред битолскиот тим.
„Веспрем е екипа проектирана за трофеи, на секоја позиција има ракометари од светска класа, имаат ротација, размислуваат за големи работи. Играњето за Веспрем значи битка за освојување на сите трофеи, па и годинава е така. Играат на домашен терен и тешко е да се игра во таа сала. Публиката е гласна, но спортски е да се надеваме и да се бориме до последниот атом од силите“, изјави Манасков.
„За мене ова е прво враќање по заминувањето од Веспрем, секако специјален натпревар за мене. Ќе биде тешко, но ќе се бориме и ќе се обидеме да им отежнеме и ако се укаже прилика, и да извлечеме позитивен резултат. Деновиве се подготвуваме и верувам во добар натпревар. Шансите за осминафинале се тука, ќе се бориме за бодови на секој натпревар и добро е што сите опции зависат од нас. За мечот со Висла ќе бидеме уште подобро подготвени, работите кои ги бара новиот тренер ќе бидат појасни. Ќе се воиграме и верувам дека ќе ја минеме групата“, истакна крилниот играч на Пелистер.