Зимската фудбалска пауза во македонското првенство завршува. В недела со мечевите од 19-тото коло ќе продолжат возбудувањата во Првата фудбалска македонска лига (ПМФЛ), а според изгледот на табелата, може да очекуваме многу неизвесност како во трката за титулата така и за опстанок.
Работнички е тимот кој е едно од најпријатните изненадувања во досегашниот дел од сезоната. Романтичарите имаат само еден пораз, ја имаат најдобрата одбрана и сосема заслужено со 37 бода се на делба на лидерската позиција заедно со Силекс и Шкендија.
Еден од оние кои блеснаа во првиот дел од сезоната е Дин Аломеровиќ, левиот бек кој обожува да има и офанзивни задачи и е од голема корист на двата дела на теренот. Токму Аломеровиќ прифати да состави хуманитарен тикет и се надева дека ќе го повтори подвигот на неговиот клупски колега Игор Алексовски, кој пред неколку месеци имаше добитен тикет и сите средства ги намени во Домот за деца без родители „11 Октомври“.
ГИ СЛЕДИ МОДЕРНИТЕ ТРЕНДОВИ, ИАКО Е БЕК, СЕЗОНАВА ИМА ЕДЕН ГОЛ И ДУРИ ПЕТ АСИСТЕНЦИИ
Левиот бек на Работнички е оптимист дека тимот може да продолжи во ист ритам и во пролетниот дел, па зошто да не се бори и за титулата.
„Во последните неколку години Работнички немал ваква добра сезона. Задоволни сме од досега покажаното. Тренерот Станиќ создаде одлична екипа. Тој знае како да ни даде мотивација на сите, да го извади најдоброто од нас на теренот. Верувам дека и во пролетниот дел од сезоната ќе продолжиме во ист стил и со добри резултати“, вели Аломеровиќ, кој е незаменлив кај Романтчарите одигрувајќи ги сите 18 средби досега.
Иако игра на левата бековска позиција, Дин е многу корисен и во нападот. Има постигнато еден гол, а речиси како никој во првенството може да се пофали дури со пет асистенции сезонава.
„Ги следам случувањата во светскиот фудбал и секој ден се обидувам да научам нешто ново и да го применам во мојата игра. Иако имам 27 години, сакам да учам, да се надградувам, да правам анализи и потоа да одлучам што е најдобро за мојата игра. Во елитниот фудбал, дефанзивците по страничните делови се многу активни, многу трчаат и ги користат и во офанзивниот ред. Токму затоа и јас сезонава се обидувам да придонесам во нападот. Точно е дека ми тргна, имав неколку добри асистенции, но не треба да се заборави дека и напаѓачите беа одлични. Џабе асистенција ако нема кој да постигне гол. Сезонава добро соработувавме“, вели Аломеровиќ, кој открива дека негов идол му е Марсело, кој неодамна ја заврши кариерата. Марсело имаше блескава кариера, посебно кога играше во дресот на Реал Мадрид, омилениот клуб на Дин.
РАБОТНИЧКИ ПОВЕЌЕ ОД ЕДНА ДЕЦЕНИЈА ЧЕКА ТИТУЛА, ЗОШТО ТОА ДА НЕ БИДЕ СЕЗОНАВА
Главниот дел од подготовките Работнички ги одработи во Хрватска. Тимот во овој преоден рок остана без двете ударни игли во нападот, Регба и Мазари, кои беа продадени, но Аломеровиќ е оптимист и е убеден дека може да го задржат ритамот од есенската полусезона.
„Нашата цел е да се задржи ритамот да бидеме во горниот дел од табелата. Веруваме дека може да направиме и чудо и да стигнеме до титулата која Работнички последен пат ја освои пред повеќе од 10 години. Со заминувањето на Атдхе Мазари и Али Регба може да се осети промена во нашата игра, но верувам дека тренерот Станиќ може да направи нивното отсуство да не се почувствува драстично во играта. Нашата цел е излез во Европа во најмала рака“, вели левиот бек на Работнички. Првиот предизвик во продолжување од сезоната ќе им биде гостувањето кај Шкупи, екипа која сезонава ја победија со 2:1 на арената „Тодор Проески“.
ПОМИНА ЧЕТИРИ И ПОЛ ГОДИНИ ВО ШПАНИЈА, КАДЕ ШТО НАУЧИ МНОГУ ШТО ЗНАЧИ ФУДБАЛОТ
Аломеровиќ е еден од ретките македонски фудбалери кои можат да се пофалат со искуство од играње во Шпанија. Еден дел од кариерата ја помина и во тимот на Селта Виго Б тимот. Овој период, според Аломеровиќ, е многу важен за неговата кариера.
„Тие четири и пол години поминати во Шпанија се едно преубаво искуство за мене. Млад заминав во Шпанија. Кога заминав таму, мислев дека сè знам за фудбалот, а таму сфатив дека многу работи не ги знам. Менталитетот ми е многу сменет, не сум тој истиот кој сака да забушава на тренинзи. Секој тренинг го сфаќам сериозно максимално, дури и сега на помладите им велам дека тие се некои ситници кои те двојат кога ќе дојде време да се излезе од Македонија. Тренерот тогаш ми рече дека ако сакам да напредувам, ќе мора секој тренинг да го работам максимално. Чипот ми го сменија на 21-22 години. Имав тренинзи и со првата екипа на Селта Виго. Жал ми е што не дебитирав во првиот тим, посебно затоа што имаше шанса за тоа во Купот, но не се случи. Сепак, тоа искуство многу ми помогна за продолжување на кариерата, таму научив премногу фудбал“, се присетува Аломеровиќ за времето поминато на меѓународната сцена.
Доколку хуманитарниот тикет е добитен, Аломеровиќ парите ќе ги намени за оние на коишто им се најпотребни тие средства.