Во рускиот град Санкт Петербург се одигра кошаркарски натпревар помеѓу две женски екипи составени од девојки родени 2009 година, а конечниот резултат беше неверојатен, 277-10!
Ова е веројатно светски рекорд во историјата на кошарката, не се памети некој меч да завршил со 267 поени разлика, но беше јасно дека нешто не е во ред и дека има нерегуларност, па средбата беше поништена.
Купчински Олимп ја победи Калининскаја СШОР со 277-10, по четвртини 42-3, 52-0, 87-3 и 96-4, двата тима придонесоа за ова, па кошаркарската федерација на Санкт Петербург издаде официјално соопштение и најави дека ќе спроведе истрага за постапките на тимовите и судиите.
„Кошаркарската федерација на Санкт Петербург изразува длабока загриженост поради инцидентот што се случи на кошаркарскиот натпревар од првенството во Санкт Петербург меѓу девојчињата родени во 2009 година помеѓу екипите на Калининска СШОР и Купчински олимп, кој заврши со резултат 10:277. По темелна анализа на ситуацијата и испитување на сите околности на натпреварот, Кошаркарската федерација на Санкт Петербург одлучи да го поништи резултатот од мечот. Овој натпревар не соодветствува со духот и принципите на спортско натпреварување, како и со стандардите на професионалната етика. Ние сме крајно незадоволни од она што се случи и веруваме дека ваквите ситуации се неприфатливи во спортот. Имаме намера да спроведеме детална истрага со учество на Спортско-техничката комисија за да се проценат постапките на сите учесници на натпреварот: играчи, тренери, судии и официјални лица.
Следниве аспекти ќе бидат разгледани во текот на постапката:
1. Однесувањето на играчите и тренерите на двата тима.
2. Дејствата на судискиот тим, вклучително и одлуката да не се прекине натпреварот во отсуство на очигледен отпор од еден од тимовите.
Ги повикуваме сите членови на кошаркарската заедница да се придржуваат до принципите на фер-плеј, почитување на противниците и гледачите. Кошарката не е само спорт, туку и училиште на животот, каде не се важни само победите, туку и пристојното однесување на теренот.
Кошаркарската федерација на Санкт Петербург гарантира дека сите одлуки во врска со овој инцидент ќе бидат донесени во согласност со прописите и стандардите за спортска правичност“, се вели во соопштението.
Има и кратко видео на кое се гледа како играчите на Калининскаја едноставно му ја додаваат топката на противникот, кој постигнува поени без отпор.