Милан вечерва на „Сан Сиро“ ќе игра против Феенорд во реваншот од плејофот за влез во осминафиналето во Лигата на шампиони. Феенорд во Милано дојде со позитива од 1:0 по првиот меч. што значи дека Росонерите едноставно мора да бркаат победа, ако сакаат да се надеваат на останување во елитното европско друштво.
На прес конференцијата пред мечот се појави Златан Ибрахимовиќ кој го меннуваше тренерот Серџо Консеисао, Стратегот на Милан беше заминат во Порто каде присуствуваше на погребот на поранешниот претседател на Порто, Пинто да Кошта.
Ибрахимовиќ кој во играчката кариера има одиграно многу мечеви под ваков притисок, потенцираше дека овој дуел против Феенорд ќе биде како финале за Милан.
„Момците треба да покажат карактер, да влезат во натпреварот фокусирани, агресивни и посветени. Важно е да играме добро, но поважно е да победуваме. Губиме со еден гол, треба да постигнеме резултат за да продолжиме. Секој треба да му помогне на соиграчот и да го натера да се концентрира. Ова е тимска игра, но важни се и индивидуалните игри. Дури и оние на клупата се важни, сè е поврзано со тимот“, рече Ибрахимовиќ.
Популарниот Ибра потенцираше дека домашниот тим мора да има голема поддршка и од навивачите.
„Нашите навивачи се важни. На првиот натпревар навивачите на Феенорд одиграа главна улога во нивната победа во Ротердам. Но, уверен сум дека ние со 80.000 навивачи на Милан на стадионот и оние ширум светот ќе му дадат максимална поддршка на тимот, кој потоа ќе треба да ја искористи оваа енергија за да направи најдобро што е можно“, додаде Ибрахимовиќ.