Навредениот Лукман му одговори на шефот Гасперини

Адемола Лукман, кој со утнат пенал беше трагичар и прогласен за виновник што Аталанта беше елиминирана од Клуб Бриж во Лигата на шампионите, имаше објава на социјалните мрежи преку која опиша како се чувствува кога слушна дека неговиот тренер Џапјеро Гасперини го прогласи за „еден од најлошите изведувачи на пенали што некогаш ги видел“.

Лукман го постигна единствениот гол за Аталанта синоќа, но пропушти шанса да биде и двоен стрелец и да внесе поголема неизвесност.

Гасперини беше лут по мечот тврдејќи дека не требало Лукман да го изведе пеналот бидејќи „тој е еден од најлошите изведувачи на пенали што некогаш сум ги видел“.

„Тој има ужасен учинок од пенал дури и на тренинзите, многу малку ги претвора во гол. Ретеги и Де Кетелаере требаше да шутираат, но Лукман во момент на еуфорија по постигнувањето на голот, реши да ја земе топката и тоа беше гест што воопшто не го ценев“, кажа Гасперини.

Репрезентативецот на Нигерија тврди дека добил дозвола од назначениот изведувач на пенали, а не своеволно.

„Ме натажува што на ваков ден морам да ја напишам оваа изјава најмногу поради она што го постигнавме заедно како тим и како град. Не само што сум повреден, туку чувствувам и длабоко непочитување кон мене, а работам напорно и посветено, секогаш се вложувам за да му донесам успех на овој клуб и на неверојатните навивачи од Бергамо. За време на натпреварот одредениот изведувач на пенали ми нареди јас да го изведам пеналот и ја презедов одговорноста во моментот. Животот е полн со предизвици и претворање на болката во моќ, што ќе продолжам да го правам“, порача најдобриот африкански фудбалер за 2024 година.

- Оглас -

Најнови вести