Флик откри како Барселона успеа и со 10-мина играчи да победи на гости кај Бенфика

Барселона заврши важна работа на гостувањето во Лисабон против Бенфика, победувајќи со 1:0 во првиот меч од осминафиналето во Лигата на шампионите. Каталонскиот гигант од 22-рата минута беше без Пау Кубарси, кој доби директен црвен картон, но и со играч помалку гостите одлично се справија на стадионот „Луж“.

Тренерот на Барселона, Ханси Флик, беше расположен за коментар по победата и имаше само пофални зборови за своите избраници, посебно за голманот Шченсни кој ги одбрани сите девет шута кои одеа во рамките на неговиот гол.

„Не беше лесно да се игра со 10-мина играчи, но тоа го направивме навистина добро. Се браневме фантастично добро и можам да кажам дека сум задоволен. Сите играчи го дадоа максимумот, добро реагираа и останавме компактни. Имаме одличен чувар на мрежата и тој нè спаси и ни помогна да ја исчистиме мрежата. Знам Шченсни колку е добар, го гледам секој ден на тренинзите“, задоволно коментираше Флик.

Германскиот стратег сепак најави дека неговите фудбалери не треба да се опуштат и дека треба да останат максимално фокусирани и за во реваншот на кој ќе бидат домаќини.

„Работата не е завршена. Се наоѓаме во добра позиција, но во фудбалот може да се случат многу работи за кратко време. Бенфика игра добар фудбал и токму затоа ќе мора да бидеме подготвени и во реваншот“, потенцираше Флик.

Барселона со оваа победа постави и нов рекорд во Лигата на шампионите затоа што е првиот тим кој цели 69 минути играл со фудбалер помалку, а победил на гостински терен.

- Оглас -

Најнови вести