Игра како на СП и поддршка од публиката е рецептот за успех против Словенија

Машката ракометна репрезентација на Македонија денеска се собра и почнува со подготовки за мечевите со Словенија од квалификациите за ЕП 2026.

Македонија после две кола има една бледа победа дома над Естонија и неочекуван пораз на гости од Литванија, а Словенија е топ фаворит во групата. Сепак, во преполниот „Борис Трајковски“ в среда од 20 часот, веруваме дека може да победиме и ширум да си ја отвориме вратата за влез на Европското првенство кое ќе се игра во Данска, Шведска и Норвешка.

Селекторот Кирил Лазаров посакува неговиот тим да прикаже игра како на неодамнешното Светско првенство во Вараждин.

„Ова е прв настап пред домашната публика после Светското првенство, гледате дека владее голем интерес и нацијата е желна за квалитетен ракомет. Селекцијата на Словенија е меѓу најдобрите 8 во светот. Играме против квалитетен противник кој играше полуфинале на Олимписките игри, беа петти на претходното ЕП, многу сериозна селекција која е технички и тактички добро поткована и знае што сака. Ние знаеме што сакаме и се надеваме дека ќе имаме добар ден. Ќе се бориме до последен момент и ќе веруваме во позитивен резултат. Нема да биде лесно, но се надевам дека со борба и игра со нашиот стил кој го игравме и на Светското првенство, можеме да ја оствариме целта“, изјави Лазаров.

- Оглас -

Најнови вести