Актуелниот италијански првак Интер утревечер го чека еден од најголемите предизвици сезонава во Серија А. Нераѕурите ќе гостуваат во Бергамо кај Аталанта, во меч на две екипи кои се борат за титулата.
Интер е прв со 61 бодови, пред Наполи кој има 60 бодови, а трета е Аталанта со 58 бодови. Тоа значи дека доколку Интер загуби, Аталанта ќе биде пред шампионот на табелата. Дури и со реми Интер може да не биде прв, а тоа ќе се случи ако Наполи ги освои трите бода на гости кај Венеција.
Токму затоа тренерот на Интер, Симоне Инѕаги знае каков предизвик го чека во Бергамо.
„Ова е меч на двата тима кои ги имаат најдобрите напади. Добро ја познаваме играта на Аталанта, тимот кој има одлични резултати во Италија, но имаше одлични резултати и во Европа. На овој меч во Бергамо треба да го дадеме најдоброто. да вложиме многу енергија, агресивност и решителност. Само така може да се совлада силен ривал“, рече Инѕаги.
Интересно е дека Интер има седум победи по ред во дуелите со Аталанта, а на последните 14 мечеви на овие две екипи, Нераѕурите се со девет победи и пет нерешени. Аталанта последен пат се радувала против Интер во ноември 2018 година кога на свој терен славеше со 4:1.