Косово вчера одигра 2-2 против Данска во пријателски меч одигран во Приштина, а домаќините може да жалат што не се радуваа на триумф. Рахмани погоди во 42-рата минута за водство на Косово на полувремето. Ѕвездата на Тотенхем, Кристијан Ериксен, израмни од пенал во 63-тата минута, но потоа следуваше нова радост за домашните фанови кога Берсант Селина погоди за 2-1. Данска се спаси од пораз со гол во 91-вата минута и на крајот стигна до 2-2.
Иако не победи, Косово на овој меч направи нешто што ретко која селекција успеа во дуелите против Данска – да даде гол, и тоа не еден туку два погодока само за 70 минути игра. Во изминативе 12 месеци, Данска одигра вкупно 15 меча, од кои дел беа пријателски, дел на Светското првенство во Русија и дел од Лигата на нациите, а интересно е што Косово е само втората која успеа да ѝ даде два гола.
Изминатава година дена Данска успеа да одигра 0-0 против Франција со Килјан Мбапе и Антоан Гриезман во нападот, прими само еден гол од Велс со Герет Бејл во тимот, а Данска ја сочува мрежата незатресена во дуелите против Ирска (два меча), Австрија, Велс (втор дуел), Перу, Мексико, Шведска, Чиле и Панама.
Косово, кој ѝ е противник на Македонија во полуфиналето од плејофот во Лигата на нациите, покажа дека има квалитет.