Бруклин стави печат, Леброн Џејмс без плејоф за првпат по 2005 година

Бруклин нетс со победа против Лос Анџелес лејкерс и официјално стави печат на елиминацијата на „езерџиите“ од плејофот во НБА лигата и стави крај на две импресивни серии на Леброн Џејмс.

Гостите славеа со 111:106 и ја прекинаа низата на „кралот“ од последователни настапи во доигрувањето од 2005 година наваму.

Лејкерс и Џејмс веќе немаат ниту теоретски шанси да играат во плејофот за титулата во НБА лигата, што автоматски значи и прекин на уште една серија на Џејмс.

Од 2011 досега Леброн постојано играше во финалињата со различни екипи, па сега и таа низа му е прекината.

„Ова беше една од најтешките сезони за мене. Дојдов во Лејкерс со поинакви амбиции, но се случуваат и вакви работи. Одиме понатаму, ќе работиме уште понапорно за следната сезона“, изјави Џејмс.

Многумина што добро ги познаваат состојбите во НБА лигата како главен виновник за неуспехот на Лејкерс го посочуваат токму Џејмс.

Клучен момент во сезоната беше неговата желба да се доведе Ентони Дејвис од Њу Орлеанс, во мини-преодниот рок во февруари.

Зад неуспешната лицитација со речиси половина тим на Лејкерс во замена за Ол-стар играчот на Пеликанс јасно беше дека стои Леброн. Дилот пропадна, дополнително „езерџиите“ се соочија и со многу повреди, па најтрофејниот НБА клуб нема да игра за титулата.

- Оглас -

Најнови вести