Се отвора можност предизвикувач на Џошуа да биде Кобрата

Се сменија плановите на Ентони Џошуа околу закажана борба со Џарел Милер, која требаше да се одржи на 1 јуни во „Медисон Сквер гарден“ во Њујорк. Американецот бил позитивен на допинг-тестовите кои ги направил на 20 март годинава. Во неговото тело е најдена илегална супстанца шифрирана како „GW1516“, која се користи за раст на мускулната маса, а од 2009 година се наоѓа на „црната листа“ на Светската анти-допинг агенција.

Ќе бидат направени и дополнителни тестови, но ако и тие ги покажат истите резултати, тогаш на Милер ќе му биде одземена лиценцата за закажаната борба од страна на општинскиот спортски комитет на Њујорк.

Сепак, тоа не значи дека Џошуа нема да дебитира во САД. Неговиот агент Еди Херн истакна дека Британецот разгледува неколку опции за можни противници во култната арена.

„Без разлика дали противник на Џошуа ќе биде Милер или не, Ентони ќе го одржи зборот и ќе се појави во Њујорк. Ми кажа дека ќе се бори апсолутно со секого, така што ние веќе разгледуваме други опции“, истакна Херн.

Во прв план се појави името на бугарскиот боксер Кубрат Пулев, популарниот Кобра, кој пред извесно време предизвика бура од реакции на социјалните мрежи бакнувајќи репортерка во уста. Исто така се споменуваат Кубанецот Луис Ортиз, Џо Џојс, Адам Ковнацки, но и Џосеф Паркер, кого Џошуа веќе го победи во бокс-спектаклот кој се одржа во Кардиф минатата година.

- Оглас -

Најнови вести