Најдобрите од Англија ќе се сретнат и во Комјунити шилд

Двата најголеми ривали кои сезонава се бореа за тронот во Премиер лигата, силите ќе ги одмерат и во Комјунити шилд во пресрет на стартот на новата сезона 2019/20. По освојувањето на тројната домашна круна, Манчестер сити сам си го одреди противникот во англискиот Суперкуп.

Тоа е тимот на Ливерпул, бидејќи Црвените завршија на второто место во англискиот шампионат, со еден бод заостаток зад Граѓаните. Инаку, правилото во Англија е освојувачот на Премиер лигата да игра против освојувачот на ФА купот во овој меч, а бидејќи Сити ги собра сите трофеи во Англија, ова правило претрпува промени.

Не е првпат еден тим да ги освои двата споменати трофеи во една сезона, па во Комјунити шилд да се сретнат првиот против вториот од Премиер лигата. Последен пат тоа се случи во 2010 година, кога шампионото Челзи на „Вембли“ се соочи со второпласираниот Манчестер јунајтед, а Црвените ѓаволи тогаш се радуваа на триумф од 3-1.

Засега не е одреден датум за овој дуел, но најверојатно Ливерпул и Сити ќе се соочат на „Вембли“ на 3 или 4 август, неколку дена пред почетокот на новата сезона.

- Оглас -

Најнови вести