Рафаел Надал уште еднаш покажа зошто го нарекуваат „крал на земјата“ по вчерашната доминантна победа над Новак Ѓоковиќ во финалето од АТП Мастерс турнирот во Рим. Шпанецот буквално го преслуша првиот светски рекет по три сета (6-0, 4-6,6-1) и воедно ја оствари 26-тата победа во кариерата против Србинот.
Деветтата, рекордна титула во Рим за Надал има посебно значење бидејќи урна рекорд на Борис Бекер стар 23 години. Надал ја прослави 20-тата победа над првопласиран тенисер во својата кариера, додека рекордот на легендарниот Германец беше 19 победи.
Од вкупно 20 победи на Надал, 13 се против Роџер Федерер во периодот од 2004 до 2010 година кога Швајцарецот беше на врвот на АТП листата, додека вчерашниот триумф над Ѓоковиќ е седми за Рафа во ситуации кога Србинот е прв светски рекет.
Бекер го постави овој рекорд во 1996 година. Од 19 победи над прволасирани тенисери, седум се против Иван Лендл, Пит Сампрас го надиграл четири пати, по три пати се радувал против Џими Куриер и Стефан Едберг, додека Матс Виландер и Андре Агаси ги совладал по еднаш.
Инаку, вчера за првпат во 54 меѓусебни дуели на Надал и Ѓоковиќ, еден од тенисерите доби сет со 6-0 во гемови.