Новак Ѓоковиќ е новиот шампион во Њујорк откако во финалето на Отвореното првенство на САД со 3:0 во сетови го победи Хуан Мартин дел Потро. За Ѓоковиќ ова беше 14-ти Гренд слем трофеј во кариерата и успеа да се израмни со легендарниот американски тенисер, Пит Сампрас, кој во кариерата имаше освоено 14 вакви пехари.
Популарниот Ноле не заборави да го спомене токму Сампрас, кој, сепак. не беше на трибините на стадионот „Артур Еш“.
„Се надевав дека Пит Сампрас ќе биде тука, но за жал не е. Пит те сакам, ти си мојот идол“, рече Ѓоковиќ, кој потоа додаде дека семејството е неговата најголема поддршка во кариерата.
„Успеав благодарение на моите сакани – децата, сопругата, семејството. Тие секогаш биле покрај мене и ми давале поддршка кога ми е најтешко. Знам низ што поминуваше Мартин дел Потро во изминативме две-три години, кога имаше повреди. Во тие моменти кога не се чувствувате добро, се обидувате да извлечете некои поуки. Сакам да му честитам на Дел Потро бидејќи тој е одличен тенисер. Атмосферата на трибините беше како на фудбалски меч, но се беше во границите на дозволеното“, рече Ѓоковиќ по победата во финалето.
Пред Ноле, сега има само двајца тенисери кои успеале да освојат повеќе трофеи на Гренд слем турнирите. Тоа се неговите најголеми ривали, Роже Федерер и Рафаел Надал. Федерер е рекордер со 20 титули, додека Надал има 17 Гренд слем трофеи.