Лионел Меси испиша нова историја во фудбалот, откако стана првиот играч кој три години по ред ја добива престижната награда „Златна копачка“, која се доделува на најдобриот стрелец во Европа. Капитенот на Барселона вкупно шест пати во кариерата е со оваа награда, нешто што не може да се пофали ниту еден друг играч. Сепак, Меси не сакаше многу да се радува на „Златната копачка“, велејќи дека уште го мачи елиминацијата од Ливерпул во полуфиналето од Лигата на шампиони.
Аргентинецот ги предупреди соиграчите дека ситуацијата може да биде и полоша, ако не го освојат Купот на Шпанија. Барселона вечерва во Севилја ќе игра против Валенсија.
„Не размислувам за Златната копачка. Тоа не ми е во мислите. Уште не можеме да го преболиме поразот од Ливерпул во полуфиналето од Лигата на шампиони. Или барем јас уште не можам да го преболам тој неуспех. Сега ни следи финале во Купот против Валенсија. Доколку не успееме да го освоиме овој трофеј, ситуацијата ќе биде уште полоша за нас од таа што е моментално“, рече Меси, предупредувајќи ги соиграчите дека никако не смее да се опуштат пред денешниот меч.