Полјаците за нас: Го имаат Пандев, немаат светски ѕвезди, но опасно напредуваат

Немаат светски познати фудбалски ѕвезди, но Полска не смее да ги потцени Македонците, кои имаат добри резултати и играат квалитетно во последно време, пишуваат полските новинари во анализата пред дуелот што двете селекции ќе го играат утре од 20.45 часот во рамките на групата Г за пласман на ЕП 2020 година.

„Го имаат Горан Пандев, кој им е лидер во репрезентацијата. Фудбалер кој игра долго во Серија А, има настапи за тимови со голем рејтинг како Интер, Лацио и Наполи и има освоено титула во Лигата на шампионите. Тој е во залез на кариерата, но Зјелински со право предупредува дека на него мора да се внимава“, пишуваат нашите колеги од Полска.

Во фокусот им се и Елиф Елмас и Енис Барди, и двајцата членови на златната генерација млади репрезентативци што токму во Полска пред две години играа на за нас историското ЕП за играчи до 21 година.

„За Елмас се интересираат најголемите клубови во Европа, во прв план се Атлетико Мадрид и Интер, што потврдува дека се работи за голем талент. Има одлична техника и е физички беспрекорно подготвен. На прв поглед би рекле дека го гледате Иван Ракитиќ во млади денови“, анализираат Полјаците, додавајќи за Барди податок дека има силен шут и е мајстор за слободни удари, со потсетување дека ѝ даде два гола на Барселона во ланското првенство на Шпанија, а и двапати го совлада Кепа, тогаш голман на Атлетик Билбао, сега меѓу најскапите на планетата, како член на Челзи.

 

 

- Оглас -

Најнови вести